Србија ќе бара селектор во Унгарија

Оставката на Ненад Перуничиќ го отвори просторот за селекторската позиција во Србија и во моментов водечките луѓе на Ракометниот сојуз на нашиот северен сосед се во потрага по нов стратег.

Според информациите кои медиумите од Србија ги објавуваат желбата е на оваа позиција да се најде тренер кој е по потекло од Шпанија со оглед на тоа што овие стратези во последно време покажуваат најдобри резултати и на клупски и на репрезентативен план.

Поранешниот тренер на женската екипа на Вардар и помошник на Раул во машкиот тим на „црвено-црните“ во времето кога ја освоија првата титула, Давид Дејвис во моментов важи како главен кандидат за наследник на Перуничиќ. Тој е желба на Србија и поради тоа што во моментов работи во Унгарија на клупата на Веспрем каде што има дел од репрезентативците.

Покрај тоа е и близу до Србија, па полесно ќе биде да е постојано активен . Воедно Дејвис веќе има и искуство како селектор бидејќи беше на клупата и на Египет, но доколку дојде до ваква комбинација тука сигурно ќе треба да се изјасни и екипата на Веспрем.

Не е тајна дека во минатото Србија го сакаше и Раул Гонзалес на клупата и тоа во периодот пред тој да прифати да седне на клупата на Македонија. Се споменува и сега како опција, но тешко е да се верува во тоа бидејќи од ПСЖ не се расположени да му дозволат на тренерот да работи и како селектор.

Доколку не се случи ништо со Дејвис тогаш сигурно ќе се бараат и други опции, но засега тој е пик број 1 на Србија за селекторската позиција.