Србија не виде мака со Турција, Русија и Унгарија не дозволија изненадувања

Денес се одиграа првите квалификациски натпревари за обезбедување место на Европското првенство 2022 година кое ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора. Во квалификациите од првото коло на победа се израдуваа репрезентациите на Русија, Полска, Холандија, Србија, Унгарија и Романија.

Русинките на свој терен беа подобри од Швајцарија со 26:22 во рамките од првата квалификациска група. Во дресот на Русија настапи поранешната ракометарка на Вардар, Олга Черноиваненко Фомина, која натпреварот го заврши со четири постигнати гола.

Во истата група, Полска оствари убедлива победа против незгодната репрезентација на Литванија со резултат 36:22. Натпреварот беше одлучен уште по првото полувреме кое заврши со предност на домаќинките од 22:12.

Романија во втората квалификациска група потешко од очекуваното дојде до победа против Фарски Острови. Романките на свој терен забележаа победа од 26:19, иако на полувреме имаа само еден гол предност, 15:14.

Репрезентацијата на Холандија немаше никакви проблеми во дуелот со Белорусија. Холанѓанките на крајот се радуваа на победа од 38:27 во рамките од третата квалификациска група.

Унгарија во рамките од петтата квалификациска група забележа победа против Португалија со десет гола разлика, 34:24. Унгарките до победата стигнаа со подобрата игра во вториот дел. На полувреме, Унгарија имаше предност од 17:15.

И покрај тоа што репрезентацијата на Србија не настапи со Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ поради повлекување од националниот тим, денес избраничките на Урош Брегар во Зрењанин успешно ги стартуваа квалификациските натпревари откако беа подобри од Турција со 36:27.

Во ниту еден дел од натпреварот победникот не беше доведен во прашање. На полувреме, Србија имаше предност од 21:13. Двете поранешни ракометарки на Вардар, Марина Дмитровиќ и Марија Петровиќ одиграа солидна партија во дресот на Србија. Дмитровиќ натпреварот го заврши како втор стрелец со пет постигнати гола, додека Петровиќ постигна четири во мрежата на противникот.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

1 КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА 1

ПОЛСКА – ЛИТВАНИЈА 36:22 (22:12)
РУСИЈА – ШВАЈЦАРИЈА 26:22 (13:17)

ГРУПА 2

РОМАНИЈА –  ФАРСКИ ОСТРОВИ 26:19 (15:14)

ГРУПА 3 

ХОЛАНДИЈА – БЕЛОРУСИЈА 38:27 (21:16)

ГРУПА 5

УНГАРИЈА – ПОРТУГАЛИЈА 34:24 (17:15)

ГРУПА 6

СРБИЈА – ТУРЦИЈА 36:17 (21:13)