Србите го губат вундеркиндот – Цениќ ќе игра за Шпанија!

Еден од најталентираните српски ракометари, десниот бек Александар Цениќ, во иднина ќе игра за репрезентацијата на Шпанија, пишува Балкан Хендбол.

20-годишниот Цениќ, кој од Лесковац пред пет сезони се пресели во каталонскиот гигант, би можел да заигра за „фуријата“ веќе на претстојното Светско првенство за младинци што се игра во Германија и Грција.

Цениќ долго време не играше за Србија, иако беше член на бронзената генерација што лани без него оствари историски успех во Португалија.

Имаше свое деби и за сениорската репрезентација на Србија во 2021, кога настапи на пријателски натпревари против Словачка, но тоа се неофицијални натпревари, па може да игра за друга селекција.

Оваа сезона, десниот бек на Барселона Б, кој повремено беше дел и од првиот тим, постигна 95 погодоци на 23 натпревари и беше меѓу најдобрите стрелци. Сепак конкуренцијата со Мем, Ричардсон, па и Јанг, не навестуваше дека ќе добие шанса во првиот тим и затоа ќе се пресели во романскиот првка Динамо Букурешт.

Покрај Цениќ, Србија изгуби уште еден десен бек од таа генерација, откако членот на Веспрем, Зоран Илиќ започна да настапува за селекцијата на Унгарија.