Србите бараат одговорност од Херона, ракометарите, федерацијата…

Репрезентацијата на Србија на Светското првенство 2023 во Полска и Шведска заврши на 11. позиција и не успеа да ги исполни зацртаните цели, па дел од српските медиуми побараа одговорност од Ракометниот сојуз на Србија, ракометарите, како и од селекторот Тони Херона.

Србија настапот на Мундијалот го заврши со четири победи, од кои две беа во групната фаза, против Катар и Алжир, додека во главната фаза беше подобра од Аргентина и Холандија.

Сепак, тоа не беше доволно за пласман во четвртфиналето и со неисполнувањето на една од целите, селекцијата на Србија ja пропушти првата шанса да обезбеди квалификации за ОИ 2024 година.

„Тони Херона како тренер навистина донесе нешто ново, но како странец повеќе го толерираат отколку домашните тренери. Факт е дека има напредок во однос на квалификациите за големите натпреварувања, но јасно е и дека Шпанецот работи со најдобрата генерација која Србија ја имала во последните десет години. Да бидеме искрени и фер, оваа репрезентација предводена од шпанскиот селектор ја создаде Ненад Перуничиќ! И тоа треба да се каже јасно и гласно. Сега имаше шанса за голем напор и барем една победа над Германија или Норвешка, која би ни гарантирала четвртфинале на Мундијалот. Сепак, останавме на истото, онаму каде што бевме во изминатите години, односно една деценија. Факт е дека оваа репрезентација има потенцијал, но го имаше и во претходните сезони, тоа никој не може да го оспори”, стои во колумната на Александар Радончиќ за ,,Курир”.

Србија е на праг да обезбеди пласман на Европското првенство во 2024 година, кое ќе се одржи во Германија. Со обезбедениот пласман на континенталниот собир, искусниот Тони Херона само за момент ќе го поправи впечатокот, но ќе треба на Европското првенство со своите избраници да имаат забележителни резултати.