Foto: Christoffer Borg Mattisson / Svenska Handbollslandslaget

Шведска со шампионскиот тим од ЕП оди и на Мундијалот

Репрезентацијата на Шведска ќе има силен тим за Светското првенство бидејќи селекторот Глен Солберг после кратењето на составот одбра 18 играчи кои ќе можат против секого да одат на победа.

Шведска е актуелен европски шампион, на претходниот Мундијал играше финале со Данска и го освои второто место, па сосема јасно е дека и на овој шампионат ќе биде меѓу кандидатите за највисок пласман.

Шампионатот почнува на 11 јануари и ќе трае до 29 јануари, а Шведска заедно со Полска ќе бидат ко-организатори на Светското првенство.

Солберг ќе може да смета на речиси сите играчи кои беа дел од шампионскиот тим на Европското првенство во Унгарија и Словачка. Во селекција се приклучи и искусниот голман Микаел Апелгрен.

Голманот Петар Јоханесен, кој беше дел од составот на континенталниот собир во јануари, отпадна од списокот, додека повратник во репрезентацијата е десниот бек од Нант, Линус Персон.

Избраниците на Солберг во групната фаза ќе играат со селекциите на Бразил, Уругвај и Зеленортските Острови.