Скубе: Мешков гради одличен тим, затоа го потпишав договорот

Ракометарот кој во последните две сезони имаше одлични игри во дресот на Вардар, Сташ Скубе во последните денови е во центарот на вниманието откако го стави потписот на договорот со тимот на Мешков Брест.

Тој следната сезона ќе игра за шампионот на Белорусија,а веќе ги даде и првите коментари за новиот тим.

„Среќен сум што потпишав за Мешков Брест. Гледам многу добар тим за следната сезона кој го подготвува овој клуб. Мислам дека ќе настапиме во Лигата на шампионите и дека ќе имаме добар резултат, а ова беше една од главните причини што се решив да потпишам“, вели Скубе.

Со оглед на тоа што има доста колеги од овие простори кои играат за тимот на Мешков Брест имал и доста совети за да знае каде оди и што може да очекува.

„Пред да го потпишам договорот поразговарав со Симон Разгор и Сандро Обрановиќ. Добив многу позитивни коментари од нив. Општо слушнав од различни луѓе дека организацијата во Мешков Брест е на високо ниво и дека самиот клуб има големи амбиции. Не знам многу за градот, но јас доаѓам пред сè за да играм ракомет“, коментираше Скубе за сајтот на Мешков Бренст.

Скубе е само уште еден ракометар на Вардар кој си заминува, со што продолжува растурањето на шампионскиот тим од 2019 година.