СКАНДАЛ на квалификациите за СП: Осум ракометари „исчезнаа“, федерацијата бараше помош од Интерпол!

Во периодот од 7 до 11 март во Костарика се одржа ИХФ трофејот, кој служеше како квалификации за настап на СП за кадети во Хрватска, како и за СП за младинци во Германија и Грција.

Сепак, по завршувањето на турнирот, организаторот се соочи со голем проблем. Имено осум репрезентативци на Гвинеја избегале од хотелот во кој биле сместени, објави тамошната федерација на социјалните мрежи.

Плашејќи се од вакво сценарио, сите патни исправи на ракометарите и стручниот штаб, биле одземени од раководните лица на федерацијата на Гвинеја, веднаш по пристигнувањето во Костарика.

Но ниту тоа не било пречка, осумте ракометари да се пуштат во бегство. Едно од можните сценарија е тие да избегале во потрага по подобар живот преку илегални канали во Мексико или САД.

Ракометната федерација на Гвинеја веднаш ги информирала министерството за внатрешни работи на Костарика, ИХФ и Интерпол и побарала помош за пронаоѓање на ракометарите, кои според претпоставките останале заглавени на некоја од соседните граници без патните исправи.

Гвинејците како второпласирани на турнирот за младинци обезбедија место на Мундијалот во Германија и Грција.