Симона Гроздановска е главна во Швајцарија, досега постигна 157 погодоци!

Македонската интернационалка, Симона Гроздановска прикажува добри настапи во швајцарскиот шампионат и повторно се најде како предводник на листата на стрелци.

Поранешната репрезентативка на Македонија со нејзиниот тим, Винтертур по завршување на регуларниот дел од сезоната се преселија во плеј-аут битката за опстанок и најверојатно следната сезона ќе продолжат во најквалитетното натпреварување во Швајцарија бидејќи имаат солидни резултати во својата група.

Македонката ја предводеше листата на стрелци во регуларниот дел со вкупно 115 голови на 14 меча, а во плеј-аут фазата, Гроздановска повторно ја држи лидерската позиција како моментален најдобар стрелец со вкупно 42 гола од пет одиграни натпревари. Тоа значи дека Симона Гроздановска на 19 натпревари вкупно постигна 157 голови, во просек по 8,2 гола на натпревар.

И на последниот натпревар, Гроздановска беше најдобра на теренот и со вкупно 11 гола од 15 обиди беше најзаслужна за важната победа над својот поранешен клуб, Амичитија Цирих со 32-29.