Симовски: Вардар повеќе ја посакуваше победата, заслужено се радуваше

Ракометарките на Ѓорче Петров не успеаја да изборат пласман во финалето од Купот на Македонија, откако загубија во полуфиналето од Вардар со три гола разлика, 30:27.

Ѓорчепетровки, кои оваа сезона ја одбранија шампионската титула во националниот шампионат, иако во дуелот со ,,црвено-црните” важеа за фаворитки, барем на хартија, целосно потфрлија, особено во првиот дел.

Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски, посочи дека не е задоволен од денешниот ангажман на неговите избранички. Поранешниот селектор на Македонија истакна дека Вардар бил повеќе мотивиран на полуфиналниот дуел.

,,Победи помотивираната екипа, ја посакуваа повеќе победата и заслужено се радуваа. Ние на почетокот имавме премногу грешки, немавме шут од надворешна линија, примивме 15 гола во првото полувреме. Во вториот дел се вративме во игра, но повторно немавме реализации од надворешната линија, имавме уште неколку технички грешки, што е премногу за еден ваков неизвесен дуел, во кој треба да бидеш целосно дисциплиниран. Искрено, не сум задоволен и во следниот период ќе има разговори и анализа, бидејќи девојките не го дадоа последниот атом од силите”, изјави Симовски.

Утрешното финале меѓу Вардар и Куманово ќе се одигра со почеток од 15:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид.

Вардар го сруши македонскиот првак, по пет години ќе игра за Куп трофеј