Симе Симовски по триумфот на Исланд: Имам одлични девојки во тимот

Девојките и целата бековска линија одигра одлично на дуелите со КА Тор. Има се уште место за напредок. Ни остануваат 2-3 дена да се израдуваме на триумфот, а потоа повторно да ги засукаме ракавите и да работиме за она што ни следува, вели Симе Симовски, тренерот на ѓорчепетровки по пласманот на македонскиот првак во следната рунда од ЕХФ Европскиот куп.

Ѓорче Петров повторно се враќа на европската ракометна мапа, и во својот прв настап по речиси 14 години поранешниот европски првак повторно победува. На гостувањето на Исланд, македонскиот првак во два дена одигра два меча, првиот ремизираше 20-20,а во вториот убедливо го декласираше КА Тор со 34-23.

Можеа скопјанки и на двата натпревари да триумфираат, бидејќи на првиот натпревар тие по 30 минути имаа водство од 12-7. Но, потоа малку попуштија дозволувајќи му на домаќинот да израмни и да се понадева дека може да го елиминира нашиот тим.

„Можевме и требаше уште во првиот меч да ги решиме сите дилеми. Водевме, имавме иницијатива, но во второто полувреме се погоди да имаме лош период, да не реализираме шанси, а ги создававме. Плус голманот на КА Топ влезе во серија, и тоа им донесе реми на домаќинките. Имавме малку време за анализа, но знаевме каде грешевме и како да ги исправиме тие работи. На вториот меч сменивме некои работи во одбраната, тоа многу ги помести домаќинките. Не се снајдоа на нашата поставена игра, и триумфот си дојде како круна на нашата добра игра, вели Симе Симовски, тренерот на Ѓорче Петров.

Секое патување до Исланд е патешествие, а особено сега во време кога авионските линии и дестинациите се лимитирани. Најдобрата авионска врска која не е „изгор скапа“ значеше дека двата натпревари со КА Тор мора да се одиграат во два дена. Патување и играње, се во неколку денови…

„Искрено, малку ми беше „шубе“ кога веќе беше договорено да ги играме двата натпревари на Исланд. Знаев дека е далеку, и плус малку време меѓу натпреварите. Домашен терен секогаш значи и предност за тимот. Но, бев убеден дека сме поквалитетни, можеме да издржиме физички да играме две средби по ред. И така и беше. Девојките одиграа фантастично, смета Симовски.

Отпатуваа ѓорчепетровки со 12 ракометарки на Исланд. Но, на двата натпревари различни ракометарки избиваа во преден план и ја полнеа мрежата на исланѓанките. На првиот меч Николовска беше најефикасна со 6 гола, а Јанкуловска даде 5 гола. На вториот Ризоска имаше 10 гола од исто толку обиди, а Коларовска и Николиќ дадоа по 6 гола.

„Ние сме екипа која функционира како тим. Немаме класичен централен бек, и имаме многу ротации на бековите. Девојките и целата бековска линија одигра одлично. Секако има се уште место за напредок. Ни остануваат 2-3 дена да се израдуваме на триумфот, а потоа повторно да ги засукаме ракавите и да работиме за она што ни следува, и дома и потоа во европскиот куп, вели Симе Симовски тренерот на скопјанки.

Од последниот европски меч на ѓорчепетровки (тогашен Кометал Ѓорче Петров), во март 2009 година кога на домашен терен беше победен Баер Леверкузен во Купот на победниците на Куповите, сега во македонскиот тим единствениот што може да ги „врзе“ приказните е Ангел Велков. Тогаш му беше помошник на Владимир Глигоров, а сега му е помошник на Симе Симовски.

Во мај годинава управата на тогашниот Кометал Ѓорче Петров му го призна спорсткиот континуитет на сегашниот женски тим на Ѓорче Петров пренесувајќи му ги сите освоени титули, меѓу кои и онаа од 2002 година во Лигата на шампионите. Тимот од скопската општина Ѓорче Петров истиот месец ја освои титулата во домашното првенство, вкупно 18 во историјата.

Ѓорче Петров слави – „лавиците“ го нокаутираа КА Тор и обезбедија трето коло во Европскиот Куп!

Ѓорчепетровки со песна во Исланд го прославија триумфот против КА Тор (ВИДЕО)

Трифун Костовски повторно се радува на победите на Ѓорче Петров (ВИДЕО)

По двомечот со Ѓорче Петров, две ракометарки на КА Тор завршија во болница!