Симе Симовски не е повеќе селектор на Македонија!

По двата порази во бараж двомечот со Романија за пласман на Светското Првенство во Шпанија, женската репрезентација на Македонија остана без селектор.

Ракометната федерација и Симе Симовски ја прекинаа соработката, па Македонија наскоро ќе добие нов предводник.

„Ракометната Федерација на Македонија ја информира јавноста дека Македонската куќа на ракометот и г. Симе Симовски, на 22 април 2021 г., взаемно се спогодија да ја прекинат соработката за ангажманот на женските национални селекции. Ракометната Федерација на Македонија упатува благодарност за досегашниот ангажман на г. Симе Симовски кој ја извршуваше оваа функција непречено во периодот септември 2015 – април 2021 година. Управниот Одбор на РФМ во периодот кој следи ќе назначи нов вршител на функцијата Селектор на женските национални селекции“, се вели во соопштенито од РФМ.

Симовски беше предводник на сениорките шест години, но најголемиот дострел на националниот тим беа трите баражи за Светските шампионати во 2017, 2019 и 2021, додека квалификациите за ЕП ниту еднаш не ги поминавме.

Следна акција за женската репрезентација ќе бидат натпреварите во октомври во ЕХФ Евро Купот против Норвешка, Црна Гора и Словенија.