Се уште е активен играч, а се кандидира за претседател на федерација!

По откажаниот настап на Мундијалот во Египет, во чешкиот ракомет се случи голем потрес. Селекторите Кубеш и Филип добија отказ, раководството на федерацијата се повлече и сега ќе мора да се бира нов претседател.

Претседателот на федерацијата Јарослав Чвални, како и двајца членови на Управниот Одбор, меѓу кои и директорот на репрезентацијата Даниел Чурда, поднесоа оставки на функциите што досега ги извршуваа по откажаниот настап на СП поради големиот број позитивни случаи на коронавирус.

Играчката легенда Ондреј Здрахала, кој настапува во катарскиот тим Ал Вакра, ќе се кандидира за прв човек на чешкиот ракомет. Покрај централниот бек, има уште три кандидати – Илона Хапкова, Дан Новотни и комесарот за лигите, Јан Шнајдер.

„Дали ќе престанам да играм ќе зависи од тоа дали ќе бидам избран за претседател на федерацијата. Јас играм во Катар, имам обврски и натпревари до крајот на мај. Го информирав клубот за моите намери, па ќе имаме преговори во зависност од ситуацијата“, вели Здрахала за „И Днес“.

Изборот на нов претседател на федерацијата ќе биде на 13 март, во исто време ќе има и квалификациски дуели за ЕП на Чешка против Украина и Русија, па Здрахала нема да му биде на располагање на новиот селектор Растислав Тртик.