Се зголеми македонската колонија во Загреб: Сања Дабевска потпиша за Локомотива!

Македонската репрезентативка Сања Дабевска е нова ракометарка на хрватскиот шампион Локомотива Загреб, откако потпиша договор на една сезона, дознава 24Ракомет.

По Андреа Седлоска и Леонида Гичевска, таа ќе биде третата Македонка што ќе игра во Загреб и што ќе биде дел од новата сезона во Лигата на шампионите.

Дабевска минатата сезона ја мина во романскиот тим Дева, а претходно настапуваше во некогашниот европски шампион – унгарскиот Дунајварош.

Играше и за грчкиот Јонијас, а во Македонија беше дел од екипите на Гостивар, Металург, Пелистер и Куманово.

Со Локомотива Загреб, Дабевска, првпат во кариерата ќе игра во елитното натпреварување. Хрватскиот првак е во група со Ѓер, Мец, Рапид Букурешт, Сторхамар, Есбјерг и Будуќност.