СЕХА потврди: Осминафиналето во мај, четвртфиналето и Ф4 на лето

Информацијата што пред десетина дена ја најави 24Ракомет, денеска доби официјална потврда. Канцеларијата на СЕХА лигата ги извести сите клубови учесници дека осминафиналните натпревари ќе треба да се одиграат во мај годинава според планот, а датумите дополнително ќе бидат одредени.

Двојките за осминафиналето ќе бидат познати откако ќе бидат одиграни одложените натпревари кои исто така треба да бидат во мај, согласно епидемиолошките мерки во сите земји од каде доаѓаат екипите.

Со оглед на епидемиолошката ситуација и најавите за вакцинација на спортистите и учесниците во лигата, и поради недостаток на датуми во календарот за оваа сезона решено е четвртфиналните натпревари од СЕХА лигата да се играат во август.

Почетокот на мечевите би бил 15 август, а точните датуми ќе бидат познати по консултациите со екипите. Извршниот комитет на СЕХА лигата реши следниот Ф4 турнир да се одржи во Задар, Хрватска од 3 до 5 септември 2021 година.

Еурофарм Пелистер веќе обезбеди место во четвртфиналето и ќе игра или против Мешков Брест или против Вардар, во зависност која позиција ќе ја освои откако Загреб ќе ги одигра трите заостанати меча.

Вардар во осминафиналето ќе се соочи со српска Металопластика, додека во четвртфиналето го чека или Загреб или Еурофарм Пелистер.

СЕХА лига, осминафинале (проекција според актуелната табела)

Војводина – Татран Прешов
Металопластика – Вардар

СЕХА лига, четвртфинале (проекција според актуелната табела)

Еурофарм Пелистер – Мешков Брест
Нексе – Веспрем
Металопластика/Вардар – Загреб
Војводина/Татран Прешов – Мотор