„СЕХА лигата нема иднина, затоа ќе играме во друго првенство“

Словачкиот шампион Татран Прешов, во новата сезона покрај настапите во домашното првенство и Куп, ќе игра и во чешкиот шампионат.

Сопственикот на Татран, Мирослав Хмелар, откри дека поради неизвесната судбина на СЕХА лигата, неговиот клуб го активираше „планот Б“.

„Ние аплициравме за учество во Европскиот Куп, наместо во Лигата на Европа, а причината за тоа е желбата полесно да се дојде до трофеј. Нивото во Лигата на Европа е многу високо, можеби повисоко од некогашните Ц и Д групи во ЛШ. Татран Прешов исто така ќе игра во чешкиот шампионат и ќе бидеме меѓу 14 учесници. Во минатото две години игравме во Чешка, две години во Унгарија, а 11 сезони во СЕХА лигата. Но по последните случувања во Европа, мислам дека СЕХА лигата нема иднина. Ако сакаме да се подготвиме добро за Европскиот Куп, мораме да играме во уште една лига, покрај словачката“, кажа Хмелар.

Најавите се дека СЕХА лига продолжува кон крајот на август, кога ќе бидат одиграни дел од одложените натпревари од групите, а потоа ќе се одржи и завршниот турнир.