Сергеј Горбок се врати во Русија, го засили тимот на „Дворец“ од Москва

Откако минатото лето одлучи да ја заврши својата кариера, Сергеј Горбок сега реши да му се врати на ракометот и да продолжи да игра во тимот на Дворец од Москва.

Сепак, се работи за екипа во која настапуваат ветерани, а истата се натпреварува во регионално натпреварување во Русија.

Ова е тим во кој играат уште неколку одлично познати имиња на рускиот ракомет кои во минатото оставија длабока трага. Станува збор за поранешниот играч на Чеховски медведи, Алексеј Каманин, како и Денис Кривошликов, кој порано го носеше дресот на Адемар Леон.

Горбок својата кариера ја почна во 1999 година во редовите на Аркатрон Минск, а потоа играше во ЗТР Запорожје, Целје, Рајн Некар, Чеховски медведи, одново во Рајн Некар, Вардар, Пик Сегед и уште еднаш во Вардар каде ја заврши кариерата. Играше за тимот на Белорусија од 2001 до 2009 година, а потоа од 2012 до 2020 година го носеше дресот на Русија.