Серафимов и Додиќ заминуваат од Металург

Мартин Серафимов останува во Македонија и ќе игра во клуб од Скопје, а Стефан Додиќ веројатно заминува за Целје пред да почне да го одработува договорот со Кјелце.

Поранешниот македонски првак Металург за следната сезона потврди неколку засилувања, меѓу кои и звучни имиња, но истовремено ќе мора да бара замена за двајцата репрезентативци кои најавија заминување од Автокоманда. В година „сините“ ќе бидат ослабени со неиграњето на македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов и на српскиот интернационалец Стефан Додиќ.

За разлика од Мартин Серафимов кому му заврши договорот со Металург и немаше договор за продолжување, меѓу оние што ќе заминат веројатно ќе биде и талентираниот Додиќ. Тој има уште една сезона да одработи од договорот со Металург, но веќе и најавил на управата дека не планира да остане во Скопје в година.

Како можна дестинација за Додиќ се споменува Целје, Словенија, но само како позајмен играч пред да замине за Полска каде би требало да продолжи со тимот на Кјелце. Средниот бек на Металург кој веќе почна да настапува и за репрезентацијата на Србија најавил дека преку Арбитражната комисија на РФМ ќе бара раскин на договорот со Металург на штета на клубот.

За Додиќ беше заинтересиран и Вардар, но двојниот европски шампион уште зимава сакаше да понуди трампа и плус да плати одредена цена. Од тој договор не излезе ништо.

Од актуелниот состав на Металург сигурно заминуваат Даниел Ѓорѓески кој се сели во Унгарија, Момир Рниќ кому му заврши договорот, исто како и на Марко Тарабокија кому договорот му е завршен.
За новата сезона Металург потпиша договори со Кевин и Оливие Њокас, и Костадин Петров. Капитенот Даниел Дупјачанец го продолжи договорот, исто како и Златко Хорват.

Металург сезонава ја заврши на четвртото место во Супер лигата и се избори за место во квалификациите за Лига Европа.