Сениорите утре заминуваат за Луксембург – Кузмановски се приклучи, Митревски доаѓа директно таму

Машката сениорска репрезентација ги одработува тренинзите пред последните два квалификациски меча за пласман на ЕП 2024 година.

Селекторот Кире Лазаров на располагање има 20 ракометари, односно 19 во Скопје, бидејќи голманот Никола Митревски ќе се приклучи на националниот тим директно во Луксембург.

Тоа е сосема логично со оглед на лошите авионски конекции меѓу Португалија и Македонија, а плус Митревски вчера играше меч од португалскиот шампионат, па утре ќе се приклучи на репрезентацијата.

Во Скопје пристигна Филип Кузмановски, кој исто така вчера играше натпревар од Бундес лигата.

Од списокот на Лазаров претходно отпаднаа пивотите Костадин Петров и Марко Стојковиќ, а дополнителен повик имаше за Едвин Омерагиќ.

Македонската експедиција утре заминува за Луксембург со лет преку Истанбул, а мечот се игра на 26 април со почеток во 20:15 часот. Со две победи на овие два меча, Македонија ќе го освои второто место во групата.