СЕНЗАЦИЈА во Велење: Горење му нанесе дебакл на Ним, Кадетен и Висла со една нога во четвртфинале!

Во денешните осминафинални натпревари во рамки од Лига на Европа, најголемо изненадување направи Горење со победата над Ним, 29:22. Во останатите натпревари на победа се радуваа Кадетен Шафхаузен, Висла Плоцк и Нексе.

Ракометарите на Горење Велење во речиси најголемиот дел од првото полувреме константно беа во водство. Составот на Ним на трипати имаше минимална предност во воведниот дел, 1:0, 2:1 и 3:2, додека во останатиот дел од првите 30 минути, Горење Велење ја имаше контролата на терен. По петнаесетина минути игра, домаќините имаа плус три гола разлика, 10:7. Овие три гола предност беа рутински одржани во последниот период од првото полувреме. Ракометарите на Зоран Јовичиќ на полувреме заминаа со предност, која беше изразена од три гола, 15:12.

Горење за неколку минути игра во второто полувреме направи серија од 3:0 и се одлепи на 18:12. Гостите од Ним првиот погодок во вториот дел го постигнаа во 38. минута преку Минел. Домаќините во 40. минута дојдоа до резултатска предност од плус шест, 21:15. Во последните дваесетина минути немаше поголема промена на резултатот, така што словенечкиот претставник во Лига на Европа со остварената победа е многу блиску до пласман во четвртфинале.

Најефикасен во победничката екипа беше Домен Тајник со шест погодоци. Кај Ним листата на стрелци беше предводена од Мохамед Санад со девет гола. Реванш натпреварот ќе се одигра на 5 април, со почеток од 20:45 часот во Ним.

Убедлива победа прослави и Кадетен Шафхаузен против Савехоф, 32:26, во натпревар со две различни полувремиња.

Савехоф со расположените Мелер и Берлин правеше големи проблеми во текот на првото полувреме. Иако, домаќините имаа добар почеток и ја диктираа играта во првите десет минути, сепак, гостите од Савехоф, од 10. минута, па сѐ до крајот на првото полувреме беа во резултатска предност, најчесто од еден до два гола разлика. На полувреме резултатот беше 14:13 во корист за Савехоф.

Кадетен  во второто полувреме направи пресврт и дojде до водство од 15:14. Тоа беше знак дека домашната екипа ќе го зголеми својот ритам и ќе биде во ситуација да се бори за освојување на бодовите. Составот на Савехоф влезе во голема криза во продолжението и веќе во 40. минута при негатива од 24:17, јасно беше дека избраниците на Микаел Апелгрен се наоѓаат пред елиминација.

Кај Кадетен предводник беше незапирливиот Самуел Зендер со девет погодоци. Во тимот на Савехоф, Мелер Феликс беше прв стрелец со шест погодоци. Швеѓаните ќе бидат домаќини на реванш натпреварот. Датумот за овој натпревар е 5 април.

Екипите на Лемго и Висла Плоцк одиграа неизвесен натпревар, а на победа се радуваше полскиот вицешампион, со резултат 31:28. До 50. минута се играше во егал, во кој двете екипи имаа свои моменти. Висла Плоцк во последните десет минути од натпреварот успеа да го надигра германскиот тим и на реванш натпреварот, кој ќе се одигра на 5 април во Плоцк, ќе има предност од  три гола.

Еурофарм Пелистер на гостувањето во Нашице кај Нексе доживеа минимален пораз од 29:26.