СЕНЗАЦИЈА во Будимпешта – ФТЦ му нанесе тежок пораз на недопирливиот Ѓер!

Во рамките од 21. коло од шампионатот на Унгарија, ФТЦ на домашен терен многу лесно дојде до победа против силниот и ѕвезден состав на Ѓер со 31:22.

Ѓер имаше сили само на почетокот, нивни беа првите минути и водството од 2:4, но домаќинките во преостанатиот дел одиграа перфектна партија и во ниту еден момент не дозволија противникот да се надева на пресврт.

Водството на ФТЦ посетепено растеше, а своја феноменална партија имаше Холанѓанката, Малештајн која беше непогрешлива. На полувреме, ФТЦ имаше предност од плус пет, 17:12.

Ѓер продолжи со лошата игра и во второто полувреме, а нивните грешки беа казнети од страна на домашната екипа. ФТЦ во второто полувреме со рутинска контрола на резултатот стигна до важната победа над вечниот ривал.

Најефикасни во екипата на ФТЦ беа Ангела Малештајн со десет и Емили Болк со осум гола. Во противничкиот табор, Вероника Кристијансен беше најефикасна со пет гола.

За титулата, одлучувачки ќе бидат наредните натпревари каде и двете екипи треба да ја билдат разликата против нивните противници. На табелата, Ѓер и ФТЦ имаат по 40 бодови, но првото место го задржува ФТЦ поради подобар меѓусебен дуел, откако на првиот натпревар Ѓер победи со 33:27.