СЕНЗАЦИЈА во Брест: Мешков го победи Кил, но Вардар му го сруши осминафиналниот сон

Тимот на Кил го имаше потврдено првото место во групата Б од Лигата на шампионите, па тоа очигледно малку ги опушти ракометарите на бундеслигашот, кои изненадувачки беа поразени во Белорусија.

Избраниците на Филип Јиха загубија кај Мешков Брест со 33-30. Иако домаќинот знаеше дека доколку Вардар загуби во Порто, нивната победа над Кил нема да значи ништо, сепак одигра за својот имиџ и за навивачите.

Ако Вардар славеше во Португалија, тогаш во последното коло Брест ќе имаше шанса со победа од три гола над Порто, да биде на шестото место да игра во осминафиналето, но тоа сепак нема да биде така.

Во првиот дел водството на белорускиот тим се движеше од еден до три гола, а на пауза се замина со 16-13. На стартот на вториот дел Кил направи серија од пет погодоци за 16-18 и се чинеше дека фати приклучок.

Така не мислеа момците на Раул Алонсо, кои полека се враќаа во игра и на десетина минути до крајот по 26-24, стигнаа до предност од пет голови, 29-24. Дувњак намали на 31-28, имаа шанса гостите и за минус два, но сепак не успеаја, па Мешков го затвори мечот со победа 33-30.

Најдобри стрелци за домашниот тим беа Ваилупов со 11 и Паниќ со шест погодоци, додека Нилсон за Кил постигна осум.

Белорускиот тим ќе има шанса следниот викенд да се прости од ЛШ со победа над Порто, а со тоа да му направи мала услуга на Вардар, кој ќе мора да слави над Монпелје, за да биде петти во групата.