Селекторот на Франција смирен пред финалето: Ако не победиме денеска, ќе ја совладаме Норвешка во Токио

Денеска од 18 часот репрезентацијата на Франција ќе ја брани круната освоена на Европското првенство во 2018 година и тоа против најсилниот можен ривал, односно најтрофејната селекција на европските шампионати, Норвешка.

Триколорките се пред голем предизвик така што ќе немаат многу избор освен да најдат начин да ги запрат најдобрите на Норвежанките, а потоа да си обезбедат простор за полесно напаѓање на противникот.

Селекторот на Французинките, Оливие Крумбхолц е одличен стратег кој сигурно ќе знае да се снајде на теренот. Тој ќе има што да им укаже на девојките пред почетокот на средбата, а веќе знае каде ќе мора да се одигра поцврсто во одбрана и да се дојде до резултатот кој се посакува.

Ова е најдобриот можен дуел за едно финале во моментов така што ќе биде вистинско уживање.

„Се наоѓаме во одлична форма и сигурен сум дека ќе бидам среќен после натпреварот. Многу сум возбуден и каков и да биде резултатот ќе бидам насмеан после финалето. Се надевам дека Франција ќе биде победникот. Репрезентацијата на Норвешка е фаворит. Има одличен состав со 16 квалитетни ракометарки. Тие секогап играат на врвно ниво. Ако сакаме да успееме мораме да најдеме начин како да ја запреме најдобрата ракометарка во светот, Стине Офтедал. Доколку денеска не успееме да ја совладаме Норвешка, тогаш ќе го направиме тоа на Олимписките игри во Токио“, вели селекторот на Франција, Крумбхолц.

Финалето се игра во Данска, а почнува во 18 часот.