„Секој заслужува втора шанса, па и Вујин“

Тренерот на ПИК Сегед, Хуан Карлос Пастор за унгарските медиуми го коментираше трансферот на Марко Вујин од Вардар во неговиот тим и ситуацијата на српскиот ракометар со навивачите на унгарскиот клуб.

При неговото пристигнување во Сегед, навивачите на клубот започнаа антикампања против неговиот трансфер. Поранешниот репрезентативец на Србија се извини за неговите испади во минатото.

„Мислам дека секој заслужува втора шанса и јас правам грешки. Марко Вујин го направи тоа во 2008 година. Сигурен сум дека тој навистина жали и се извини за целата ситуација. Вујин е ракометар кој во голема мера би можел да ни помогне да бидеме уште подобри во нападот. Тој зборува многу добро унгарски, тоа исто така е плус за него”, изјави стратегот на ПИК Сегед.

Марко Вујин секогаш беше во фокусот како член на Веспрем на дерби натпреварите од домашниот шампионат против Пик Сегед.