Секељ: Се подготвував специјално за дел од играчите на Вардар

Еурофарм Пелистер го освои трофејот во Суперкупот откако славеше над Вардар со 31-22.

Една од клучните фигури кај битолчани беше новиот чувар на мрежата Мартон Секељ, кој собра 12 интрвенции.

„Среќен сум и горд на тимот што дојдовме и го освоивме трофејот. Се надевам дека не е последниот трофеј оваа сезона и ќе продолжиме со добрата работа од претсезоната за да имаме големи победи во Лигата на Европа и во домашните конкуренции. Се чувствувам одлично на голот. Одбраната и нападот беа одлични, ни требаше малку време да се адаптираме поради жешкото време во салата, но потоа успеавме да фатиме ритам“, вели Секељ за 24Ракомет.

Унгарскиот репрезентативец вели дека се подготвувал специјално за дел од играчите на Вардар.

„Се подготвував како секогаш. Најдобро што можам се потрудив, добив информации и видеа од Веспрем и од Порто, се подготвив за Ѓукиќ особено, и знаев што да очекувам и од другите ракометари. Во Вардар недостигаа многу играчи, но се надевам дека ние ќе останеме на победничка патека до крајот на сезоната“, продолжи Секељ.

Струшкиот турнир е следен на распоредот на битолчани, а најверојатно и покрај езерото ќе има нов дуел со Вардар.

„Ние ќе одиме меч по меч. Првиот дуел ни е против Металург, исто така добар тим, па потоа ќе видиме до каде сме. Се надевам дека ќе играме во финалето против Вардар, а сигурно тие ќе сметаат на дел од ракометарите што не играа во Суперкупот. Но секој дуел е различен, а Струга е само еден пријателски турнир. Иако не е Куп или лига, сепак секој триумф за нас е важен. Се надевам дека и во Македонија ќе има публика на натпреварите во новата сезона“, заврши Секељ.