СЕДМЕРЕЦ: „Македонија е силна кога се сите заедно“

Седум златни збора на поранешниот селектор Драган Ѓукиќ

1.Скандинавски модел на балкански терен

Освен што е почесен конзул на Данска, претседателот на РФМ, Живко Мукаетов и актуелниот светски шампион, коинцидентно ги поврза и 31 јануари.

Во ист ден, Данска остана на светскиот трон, а Мукаетов доби трет мандат на чело на РФМ. И едниот и другиот мандат се од оние ретките со предзнак историски.

Со победата во скандинавското финале во Египет, Данците влегоа во историјата како четврта земја што успеала да ја одбрани титулата на две светски првенства по ред. Втора по Франција во новата ракометна ера.

Со едногласно добиената доверба од Собранието да остане на чело на РФМ, Мукаетов пак влегува во историјата на македонскиот ракомет како прв претседател што успеал да го „преживее“ вториот и да добие трет мандат во „куќата на ракометот“ во последните две децении. Во многу помирни времиња на бурната македонска ракометна сцена, пред него тоа не им успеа ни на Михајло Михајловски (2008/13), ни на Трифун Костовски (2003/08), ни на Душко Кадиевски (1999/03). Единствен со децениски стаж на челната позиција, досега е само првиот претседател на РФМ по осамостојувањето, Иван Бојков, предводник на македонскиот ракомет во периодот од 1989 до 1999 година.

Со третиот мандат на чело на РФМ, Живко Мукаетов е на пат да испише нова историја. Но, што е уште поважно, тоа е и своевидна гаранција за континуитет и стабилност во македонскиот ракомет, помалку несвојствено за овој спорт на балканските простори. Во Србија на пример во еден период за превласт во ракометот се бореа со вилјушки под маса! Во Македонија за наша среќа, тоа се решава по скандинавскиот модел – континуитет, стабилност и елегантно справување со проблемите и со противниците. Како Данците во Египет.

2.Болен настап и селекторска смена

Камо среќа и на терен да бевме како Данците, ама не сме. Посебно не на последниот настап во Египет, „болен за гледање“. Завршивме на „лошото“ 23.место, со пет порази и само една победа.

„Повеќе од лошиот пласман разочарува пристапот и односот на некои поединци кон националниот дрес…“, критичен беше и претседателот на РФМ.

За „мундијалската екскурзија“ во Египет, цехот го плати селекторот Данило Брестовац кој веднаш по враќањето од Каиро експресно беше разрешен од функцијата. Еднострано или спогодбено веќе е и апсолутно небитно.

Петта селекторска смена во мандатот на ова раководство, 25-26 во тридецениската независност на РФМ. Пробавме и со странци и со наши, и со славни и со селекторски дебитанти…Со сето позитивно и негативно искуство од претходно, сега се врти нова страница. И тоа овој пат невообичаено мирно. Заложбата на РФМ, според зборовите на претседателот искажани пред Собранието е „мобилизација на сите домашни ресурси кои се достапни и доколку е потребно, земање помош од надвор“.

Порака – имаме решение, знаеме што правиме.

Дали е до јасниот став и до моментот или веќе навистина се уморивме од селекторските смени и вечните дебати – наш или странец, искусен или нов, ама овој пат смената на клупата оди мирно. Скоро скандинавски.

3.Македонската клупа во 3Д проекција

Можеби пак името на Кире Лазаров ги смирува духовите кога некои веќе го погребаа македонскиот репрезентативен ракомет. Стабилната федерација и авторитетот на капитенот дефинитивно се добитната комбинација за македонскиот ракомет на која ретко кој може да и биде опозиција. Оттаму некако и логично стана Лазаров да избие како потенцијално решение за селекторското место. Капитенот е на крај на играчката и на почеток на тренерската кариера, со тон искуство, универзитетска тренерска диплома в џеб и од летово со ЕХФ Мастер во процедура.

Во „мобилизацијата на сите домашни ресурси“, кога треба брзо да се реагира затоа што веќе во март не чека вториот циклус од квалификациите за ЕП 2022 и тоа ни помалку ни повеќе туку двоен дуел со Данска, логично влегува и Гино Стрезовски. Нормално е професорот што е цел живот во македонскиот ракомет, да му се најде при рака на студентот кога репрезентацијата е во временски и во резултатски теснец. И тоа некако испадна вин-вин решение за македонската клупа да се надмине сегашната ситуација по СП пред ЕП и да се обезбеди иднината на подолг рок во перспектива.

Зошто ова е вин-вин решение? Затоа што Македонија не е Јапонија да дојде Дагур Сигурдсон и да воведе систем за година-две. Не е ни Катар да купи се топтан за инстант успех (фала богу!). Затоа што во Македонија ракометот е национален спорт. Тоа е процес, а не проект.

Се погоди на вчерашното Собрание на РФМ како специјални гости да бидат три големи имиња од златната генерација – Кире Лазаров и Ацо Јоноски како заслужни репрезентативци, Наумче Мојсоски како директор на Агенцијата за спорт и млади. Гледајќи ги заедно Кире и Јоно во новинарските редови веднаш проструи идејата – а, зошто да не седнат заедно тие двајца на македонската клупа во некоја блиска иднина? Авторитет за напад и специјалист за одбрана со здружени сили и со палка за новата генерација. Во некоја идна идеална проекција на македонската репрезентација „го назначивме“ и Филип Миркуловски за спортски директор…Додуша, никој од нив јавно не рекол ни ДА ни НЕ за некоја ваква комбинација, ама вака во проекција не изгледа лошо.

„Македонија е силна кога се сите заедно, кога целата екипа е едно…“ , идеално ја отслика силата на македонскиот ракомет, поранешниот селектор Драган Ѓукиќ во една од анализите на СП во Египет.

На ова не треба ни збор повеќе.