Сведоштво од Турција – клубот и го фалсикувал потписот за да не и ги исплати сите плати!

Поранешната репрезентативка на Русија, Јана Ускова, која пет сезони го носеше дресот на амбициозниот тим од Турција, Кастамону, преку социјалните мрежи сподели дека била измамена од турскиот клуб.

На ракометарката од Русија не и биле исплатени две плати, па таа заедно со уште неколку ракометарки решиле да го тужат турскиот клуб.

Русинката со останатие ракометарки го добиле случајот, но до ден денес ги немаат добиено парите од „скапиот проект“.

„Драги пријатели, мислам дека е време да ја споделам мојата приказна за тоа како турскиот ракометен клуб Кастомону се однесува кон интернационалните играчи. Поради пандемијата во март 2020 година, не можев повеќе да останам во Турција и морав да заминам за Русија. Не можев да се вратам во Турција, бидејќи границите беа затворени. Клубот не ми исплати две плати. Бев многу посветена на клубот, вложив многу напор…. И тоа што клубот реши да не ми плати беше неочекувано. Всушност, не бев единствената ракометарка која не доби плата. Со уште неколку ракометарки отидовме на суд и го добивме овој случај, но никогаш не ги добивме нашите пари. Најлошото беше што клубот го фалсификуваше мојот потпис дека наводно ми платиле. Ова е срамота и незаконски. Затоа ве молам за помош за ширење на оваа информација за да не настрадаат другите играчи од овој нечесен клуб“, објави Ускова.

Дресот на Кастамону го носеле неколку познати ракометни имиња како Јованка Радичевиќ, Марина Рајчиќ, Аманда Куртовиќ, Сара Коварова…