Сван „летна“ во воздух – го одигра последниот натпревар за Данска!

Репрезентацијата на Данска и без главните ѕвезди успеа да стигне до бронзениот медал на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Натпреварот против Франција беше последен во репрезентативната кариера на легендарното десно крило Ласе Сван.

Тој постигна два гола на дуелот за бронзата и по крајот на мечот заврши на рацете на соиграчите, кои го поздравија за се што досега направи за данскиот тим.

Сван одигра досега 236 средби за Данска и постигна 554 гола. Освои злато и сребро на ОИ, по две злата и сребра на СП, а на колекцијата од ЕП со злато и сребро, сега додаде и бронза.

Данците славеа против Франција со 35-32 по продолженија, откако во регуларниот дел беше 29-29.