Сара Ристовска останува верна на ЦСКА Москва

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, која настапува за ЦСКА Москва, и во следната сезона ќе биде дел од московската екипа. Ристовска и покрај тешката ситуација во рускиот ракомет, ќе го одработи актуелниот договор со клубот од Москва.

Десното крило од Македонија пред извесен период го продолжи договорот со ЦСКА Москва, но нејзиното останување беше неизвесно бидејќи најголемиот број на интернационалки кои настапуваа во руските клубови заминаа, откако ЕХФ воведе санкции за клубовите од Русија и Белорусија.

Ристовска најверојатно во следната сезона ќе биде единствената интернационалка во редовите на ЦСКА Москва. Клубот на почетокот на месец март го напуштија Ана Грос и Катрин Хеиндал, додека по завршувањето на минатата сезона си замина и екс ракометарката на Вардар, Драгана Цвијиќ.

Во својата кариера, Ристовска играше уште и за Крим Меркатар, Вардар и Металург каде што ја започна кариерата, а следната сезона ќе и биде четврта во Русија.

Со рускиот клуб во сезона 2020/21 учествуваше на фајнл-фор турнирот од Лигата на шампионите и во истата сезона беше освоена шампионската титула во Русија. Оваа сезона со ЦСКА Москва го освоија рускиот Куп.