Сведоштво на Сара Ристовска од Москва: Од дома до маркет – од маркет до дома!

Ширењето на коронавирусот ги сопре сите спортски активности. Ракометните натпревари во Русија исто така се во прекин, а во Москва се наоѓа македонската репрезентативка Сара Ристовска.

Во Русија има повеќе од 1.000 заразени со коронавирусот, но тоа е навистина мал процент ако се знае бројот на жители во оваа земја.

„Десетина дена сум во карантин буквално, секој трет одам до маркет и веднаш се враќам назад. Можам да кажам дека спортскиот живот е карантин, но не вака, не на овој начин. Се надевам дека сите ќе издржиме и ќе се извлечеме од овој кошмар. Во Русија ситуацијата не е драматична како во другите европски земји и нема преголема паника. Се додека сме свесни за ова што се случува, ќе се избориме со вирусот“, вели Ристовска од Москва.

Рускиот шампионат е во прекин, најверојатно натпреварите ќе продолжат на лето, а нашата интернационалка потпиша договор на уште една сезона.

„Првично имаме строги забрани околу излегување надвор од домот. Вработените во клубот се грижат за нас и во секое време се достапни за било што. Иако требаше до утре да бидеме во карантин, сепак тој ќе се продолжи и остануваме дома на неодредено. Имаме секојдневна програма од страна на тренерите за работа по дома. Секако дека нема услови во домашна средина, но најважно е да се активираат мускулите секојдневно. Јас сум задоволна, исто како и раководството на клубот од досегашната сезона, па потпишав на уште една сезона. Сметам дека се прилагодив во клуб, се пронајдов себе на многу полиња со помош на сите кои се дел од клубот и благодарна сум за тоа. ЦСКА има големи амбиции, а тоа е голем предизвик и за мене. Верувам дека ќе го оствариме тоа што го имаме зацртано и ќе се претставиме во најдобро светло“, завршува Ристовска.

За разлика од тренерот Јан Лесли и Сабина Јакобсен, кои ќе си заминат од руската престолнина во Данска, односно Шведска, нашата Ристовска и Бразилката Чана Масон ќе останат во Москва и понатаму, со оглед на тоа што нема начин да се вратат дома.