„Сагосен има добра плата во Кил, но може да заработи многу повеќе во друг клуб“

Менаџерот на Сандер Сагосен, Арнор Теодорсон, во разговор за „Verdens Gang“, зборуваше за иднината на ракометарот од норвешката репрезентација, како и за неговиот договор со Кил.

При средината на месец септември, клубот од Трондхајм, Колстад објави дека има сериозни намери да го донесе Сагосен во своите редови. Освен за Сагосен, норвешкиот клуб беше заинтересиран и за уште неколку репрезентативци на Норвешка.

Се очекува екипата на Колстад да добие значителни средства за да ги постигне зацртаните цели и амбиции за наредните сезони. Познато е дека Сагосен има договор со Кил до 2023 година.

Теодорсон изјави дека Сагосен е добро платен во Кил, но може неговата плата да биде поголема во други клубови. Во екипата на Колстад дел од тренерскиот тим е таткото на Сагосен, Ерленд Сагосен. Сепак, Теодорсон активно работи договорот на Сандер Сагосен да биде продолжен со Кил, без разлика на останатите понуди од други клубови, вклучувајќи ја и понудата од Колстад.

„Претпоставувам декa Сандер ќе одлучи за својата судбина во периодот од јануари, па се до јуни следната година. Ако Кил ја прифати нашата понуда, тогаш неговата одлука може да се очекува и порано. Сандер не може да се жали за неговата плата во Кил, но може да заработи повеќе во други клубови. Него секој тим во светот сака да го види во своите редови. Но, да сакате нешто тоа не значи дека ќе го добиете“, изјави Теодорсон.