Савевски за 24 Ракомет: Имаме неколку талентирани кадетки, но мораме уште многу да работиме

Женската кадетска репрезентација на Македонија од недела стартува со ЕХФ шампионатот во Литванија во Клаипеда, а турнирот почнува утре кога нашите кадетки се слободни.

Следува интересен турнир на кој повеќето од девојките ќе дебитираат бидејќи само неколку од нив веќе играат во Скопје на ЕХФ шампионатот за младинки.

„Првпат се собравме во ваков состав. Овие девојки никогаш досега не биле на вакви тренинзи. Точно е дека имавме неколку девојки кои беа дел од младинската репрезентација. Тука се две голманки, два пивоти, едно десно крило и еден десен бек. Тие девојки беа дел и од ЕХФ шампионатот во Скопје“, вели Савевски за 24Ракомет.

Подготовките беа одработени на Маврово, а еден дел од тренинзите беа во Скопје.

„Задоволен сум од сработеното и како го прифатија тоа девојките. Иако сработивме многу, секогаш постојат работи на кои има уште да се работи. Немавме пријателски натпревари за да ја провериме формата. Ова е само почеток за оваа селекција, а нашата задача е да пронајдеме ракометарки кои би биле кандидати и за место во сениорската репрезентација“.

Селекторот смета дека во оваа генерација има неколку девојки кои веќе го покажуваат својот талент и на нив ќе може сериозно да се смета за во иднина.

„Има 2-3 големи таленти, но треба да се работи со нив. Сите се млади и може да се следат, но мора и да се работи многу посериозно со нив. Кај нас во пионерските, кадетски, младинските лиги… секогаш се става акцентот на освојување на првото место, но не би требало да биде секогаш така. Мора да се работи на тоа да се создаваат ракометари и ракометарки и да може сите да ги имаат научено добро основите на играта во нападот и во одбраната. Мора да се работи максимално“.

Планира од септември да користи секоја шанса за да може ракометарките да се уигруваат сè повеќе и да може во иднина да се има далеку повисоко ниво на игра.

„Треба почесто да има собири. Оваа генерација мора да се собира почесто во иднина. Барем оние што не играат во сениорските тимови во Супер лигата треба да се собираат и да имаат континуитет. Со оние 2-3 кои се повредени во клубовите и овие 2-3 кои се појавија може се има одличен тим за некоја година“.

Во однос на ривалите на ЕХФ шампионатот засега нема информации, но утре ќе биде одлична можност да се видат противниците бидејќи Македонија е слободна, а тие ќе бидат на терен.

„Немаме информации за противниците и на лице место во Литванија ќе видиме за какви противници се работи. Утре сме слободни и нема да играме на првиот ден, па ќе можеме да видиме кои се нашите ривали и што поседуваат. На ЕХФ шампионатот за младинки видовме дека секаде веќе се работи и тоа добро. Затоа мораме да работиме многу посериозно во иднина и да го даваме максимумот“.

Моделот за работа кој веќе се применува во машките селекции го смета како добар и според него тој модел би можел да даде резултат и во женските репрезентации.

„Мораме да го пресликаме она што се работи кај машките. Успеав да ги погледнам и Б селекцијата и младинците. Мора да се почне од нешто за да дојдеме до она што тие веќе го имаат направено. Машлката селекција е далеку понапред во однос на сериозноста, но и во однос на тоа како се работи во клубовите“, смета селекторот Љубомир Савевски.

Првата средба на ЕХФ шампионатот кадетките ја имаат в недела од 18 часот против селекцијата на Косово.