Савевски: Девојките имаа желба за успех, но толку се можностите во однос на Холандија

Македонија загуби од Холандија со 25-29 во третото коло од ЕХФ шампионатот што се игра во Скопје.

Иако голем дел од мечот, нашите младинки го диктираа темпото и водеа, сепак на крајот мораа да го признаат поразот.

Селекторот Љупчо Савевски вели дека на овој дуел победи поквалитетната репрезентација.

„Како и минатиот пат, така и сега им реков браво на девојките. Немавме голем ростер за овој дуел и да играме со две измени, а тие играат брз центар и имаат добра контра. Во иднина ќе треба да правиме поголема селекција на играчи што играат во двата правци, за да вадиме максимум. Девојките покажаа врвна дисциплина, имаат желба за успех, но толку се можностите во однос на Холандија. Тие за мене идниот светски првак. Се истрошивме на овој дуел, а утре не чека Косово, кое ја дига формата“, изјави Савевски по мечот со Холандија.

Тој вели дека ова е само почеток на еден процес, но во иднина планира повеќе собири и поинаков начин на селектирање на девојките.

„Ова е само почеток, да почнеме да се качиме едно скалиило повисоко. Сега и со кадетките да направиме една добра селекција, досега мислам дека овие категории беа запоставени. Ќе треба да се променат некои работи и во однос и на собири и на селекција. Петнаесетина дена се премалку. Младинките покажуваат некој напредок, но тоа не е тоа што го сакам јас“, заврши Савевски.

Утре Македонија го игра последниот натпревар од групната фаза против Косово од 20:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.