РФМ се обрати до ЕХФ: Вардар е бренд и заслужува да игра во Лигата на шампионите

Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација во петокот донесе одлука да го исклучи Вардар од Лигата на шампионите поради стари долгови кон некогашни играчи на клубот.

Во борбата за Вардар да го добие тоа што го заслужува се вклучи и Ракометната федерација на Македонија, која уредно го пријави македонскиот првак за учество во ЛШ. Од РФМ се обратија со писмо до ЕХФ.

„Македонската ракометна федерација ги цени сите обиди и инвестиции во ракометот на нашите клубови, особено во време на криза. Секогаш се стремиме да помогнеме на клубовите, за да ракометот опстане како спорт број еден во Македонија. По комуникацијата меѓу ЕХФ и Вардар, за спогодбата на поранешните долгови, која е надвор од нашите ингеренции, ние, како ракометен авторитет би сакале да замолиме да се донесе позитивна одлука за активното учество на Вардар во натпреварувањата на ЕХФ за 2022/23. Овој клуб е ракометен бренд, не само во државата, туку и на Балканот. Вардар има голема база на фанови и активно придонесува во развојот на македонскиот ракомет. Не треба ниту да се спомене дека ја освои титулата во Лигата на шампионите во сезоните 2016/17 и 2018/19, а од таа гледна точка, придонесе за нови млади фанови низ светот. Сметаме дека одлуката за исфлање на Вардар од Лигата на шампионите, негативно ќе влијае на имиџот на ракометот, не само во Македонија, туку и на Балканот. Поради тоа, уште еднаш, би сакале да ве замолиме да го согледате горенаведеното, пред да ја донесете финалната одлука“, се вели во писмото на генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски до ЕХФ.

Претседателот Михајловски во разговор за 24Ракомет потврди дека ЕХФ нема аргументи да донесе таква одлука и правдата ќе ја бара на суд, доколку нема промена во одлуката.

Михајловски за 24Ракомет: ЕХФ нема аргументи за одлуката да го исклучи Вардар од ЛШ!