РФМ не го менува градот-домаќин: Македонија ќе ја пречека Турција во Скопје

Ракометната федерација на Македонија ги избра Скопје и СЦ „Борис Трајковски“ да бидат домаќини на последниот натпревар на домашен терен од квалификациите за ЕП.

Машката репрезентација на Македонија практично е пласирана на Европското првенство во Германија во 2024 година, но тоа ќе треба да биде официјализирано во април

Во рамките на ЕХФ неделата во април, Македонија ќе игра на гости со Луксембург на 26 април, а мечот почнува од 20:15 часот.

Последниот натпревар против Турција ќе се игра во Скопје на 30 април во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:00 часот, а на овој дуел ракометарите заедно со навивачите ќе прослават пласман на уште големо натпреварување.

Македонија досега има две победи и четири бода, што е доволно за второто место во квалификациската група.

Националниот тим последен пат надвор од Скопје играше против јужниот сосед на Македонија во Струмица на 16 јуни во квалификациите за ЕП 2020 година.