РФМ нема милост: Два клуба добија тригодишна забрана да се натпреваруваат во било која лига!

Иако пред стартот на сезоната во машката кадетска лига на Македонија, за настап беа пријавени дури 32 екипи, сепак натпреварувањето започна со два тима помалку.

Според пропозициите за натпреварување во сезоната 2019/2020, доколку некоја екипа се откаже од играње пред стартот на лигата и во текот на натпреварувањето, добива висока казна.

Таков е случајот со екипите на Кромак од Тетово и Гого од Кичево, кои само на една седмица пред стартот на лига го откажале учеството.

Овие два тима го губат правото да се натпреваруваат во било кој систем на натпреварување на РФМ во траење од три години, а одговорното лице нема право да пријави нов клуб и вршење дејност во ракометниот спорт во траење од 3 (три) години.

Од горе споменатото се иззема екипата ако пред почетокот на наредната натпреварувачката сезона уплати сума од 30.000.00 ден на сметката на РФМ, а уплатената сума ќе се искористи за развој на младинскиот ракомет.