РФМ им помага на клубовите – ќе им даде ПЦР тестови за сите играчи!

Ракометната федерација на Македонија донесе одлука да им достави ПЦР тестови за детекција на коронавирусот на сите клубови што учествуваат во шампионатите.

Тоа значи дека клубовите од Суперлигата, Првата лига и Женската лига – вкупно 45, ќе ги добијат потребните тестови за тестирање на сите играчи пред секој натпревар. Дополнително, тестирани ќе мора да бидат и официјалните лица на натпреварите.

Тестирањето на ракометните екипи пред секој натпревар треба да биде спроведено од страна на лиценцираниот доктор, а резултатите да бидат испратени до Ракометната Федерација на Македонија. Тестирањето треба да се спроведе најрано 24 часа пред одигрување на натпреварот и резултатите заедно со формуларот веднаш да бидат доставени до РФМ, но не подоцна од 10:00 часот на денот на одигрување на натпреварот.

Владата вчера донесе одлука дека сите актери на натпреварите мора да имаат негативен тест пред секој меч. Но поради актуелната финансиска ситуација кај клубовите, РФМ повторно им излегува во пресрет.

Од Суперлигата остануваат да се играат уште осум кола, а исто е и кај дамите и кај прволигашите. Плус треба да се играат уште шест средби на завршните турнири во Купот на Македонија, како и бараж мечот за следната сезона во елитното друштво.

Владата одлучи: Цели екипи мора да се тестираат пред секој меч!