РФМ ги казни Недановски и Манасков!

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија по натпреварот меѓу Вардар и Алкалоид, ги казни тренерот на Вардар, Владо Недановски и левото крило на „црвено-црниот“ тим, Дејан Манасков.

Недановски доби суспензија на четири натпревари, додека Манасков ќе мора да одработи два меча казна.

Двајцата членови на Вардар се казнети по членовите 112 и 114 од Дисциплинскиот правилник на македонската куќа на ракометот.

„Тренер, кој непосредно пред натпревар, за време на натпревар или непосредно по натпреварот, на теренот или надвор од теренот, ќе се однесува грубо неспортски кон играч, друг тренер, делегат, судија, друго службено лице, или навивач, ќе се казни со забрана за вршење функција до 10 натпревари, или со парична казна“, се вели во членот 112.

„Играч, или друг член на екипата кој пред, за време или по натпреварот ќе го навреди судијата на натпреварот, делегат , комесар на натпреварот,службени лица или Управата на РФМ, ќе се казни со забрана за настап до 10 натпревари или со парична казна. За обидот на дисциплинскиот престап од став 1 на овој член, ќе биде изречена казна“, се вели во членот 114.

Судии на натпреварот беа Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, додека делегат беше Цане Куртовиќ.