„Руското првенство ќе биде силно и без странци, секогаш има нови таленти“

Ситуацијата со руските и белоруските клубови после санкциите од ЕХФ поради инвазијата на Русија во Украина доведе до заминување на голем број странци. Ракометарката на ЦСКА, Валерија Маслова верува дека ракометот во Русија може одлично да се развива без странци.

Според неа руското првенството ќе биде силно и квалитетно и без странците.

„Мислам дека рускиот женски ракомет ќе продолжи да се развива како и до сега. И без странски играчи ќе имамe силно и квалитетно првенство. Очекувам да се појават нови таленти од светска класа. Во исто време секако дека се надеваме на враќање на вообичаениот календар за меѓународни натпревари“.

Во јавноста се зборуваше за проекти во кои би се организирале заеднички турнири на тимови од Русија, Белорусија и Кина.

„Не сме во позиција да зборуваме за ништо во моментов. Меѓународните натпревари секако се важни и носат непроценливо искуство за сите учесници. Руската ракометна заедница е многу благодарна на колегите од Белорусија и Кина за нивната поддршка и соработка во овие тешки моменти“, изјави за „sportsaily.ru“ Маслова.