Русија тргна силно во одбрана на златото, Норвежанките немаа никакви шанси

Селекцијата на Русија ќе игра во финалето на Олимписките игри во Токио со што ќе има можност да го брани трофејот против истиот ривал како и пред пет години, Франција откако во второто полуфинале дојде до победа од 27:26.

Русинките беа подобриот противник во најголемиот дел од средбата и имаа целосна контрола на резултатот така што покажаа дека можат да бидат најдобри кога е најпотребно.

Во текот на целото прво полувреме владееше неизвеност. Русија тргна со предност, но имаше само гол позитива во првите неколку минути додека селекцијата на Норвешка редовно израмнуваше. Така беше 28 минути кога Манагарова, Дмитриева и Вјахирева донесоа серија од 3:0 за 14:11 на полувреме во корист на Русија.

Вториот дел од средбата почна со контрола на селекцијата на Русија. Имаше подобра игра, која даваше патоказ кон победата. Русинките знаеја што сакаат и покажуваа дека ја имаат играта која е потребна за да забележат триумф.

Победникот се чини беше решен во 41. минута кога Русија успеа да стигне до 22:16 и мораше мирно да го однесе натпреварот во завршница. Сепак, тајм-аутот донесе нешто подобра игра на Норвешка и 3:0 за мало враќање во натпреварот. Норвешка дојде до 19:22, а потоа одново беше минус четири, 20:24 во 49. минута од средбата откако поранешната вардарка, Кузнецова реализираше контра. Две минути подоцна погоди и за 25:20, па Русија полека почна да го носи овој натпревар кон крај.

Норвешка успеа да казни некоја грешка и намали и да стигне до возбудлива завршница. Дојде до негатива од два гола, но три минути до крај беше 27:24 за Русија. Тука следуваа грешки. Бобровникова доби две минути, а Рајстад намали на два гола. Потоа Манагарова погреши, што овозможи Норвешка дополнително да намали уште. Казната дојде од Солберг Исаксен на минута и пол до крајот од средбата.

Откако Бобровникова се врати во игра, Норвешка остана без Кристијансен и тоа на 28 секунди до крајот, па селекторот на Русинките реагираше и побара тајм-аут. До крајот од средбата немаше погодоци така што дуелот заврши со 27:26. За разлика од пред пет години кога Русија ја совлада Норвешка после продолженија, сега сè беше завршено во 60 минути. Инаку, исто како и во Рио и сега, Русија во финалето ќе се бори против Франција за златниот медал.

Вјахирева имаше одлична партија и стигна до девет погодоци, додека по четири имаа Илина и Макеева. Нора Мерк и овој пат беше најефикасна во селекцијата на Норвешка со десет гола.