Русија прослави убедлива победа против Литванија во квалификациите за ЕП 2022

Репрезентацијата на Русија во рамките од второто квалификациско коло за обезбедување место на Европското првенство 2022 година кое ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора, убедливо ја совлада Литванија со 35:21.

Русинките уште од самиот старт имаа солидно водство од 9:3. Избраничките на Људмила Бодниева постепено ја градеа својата предност, а во првиот дел најчесто имаа водство од пет до шест гола разлика. На полувреме резултатот беше 17:10 за Русија.

Во второто полувреме своја шанса од репрезентацијата на Русија имаа ракометарките со помала минутажа кои ја оправдаа довербата на новата селекторка. Разликата во квалитет помеѓу двете репрезентации се одрази во последните дваесетина минути. Домаќинките со серијата технички грешки дозволија гостинките од Русија да си заминат со победа која беше изразена со 14 гола разлика.

Најефикасна во составот на Русија беше Елена Михајличенко со шест гола. Поранешната ракометарка на Вардар, Олга Фомина, имаше 100% реализација, 4 гола од исто толку обиди.

Во третото квалификациски коло од првата група, Русија ќе се соочи со Полска. Репрезентацијата на Литванија ќе ги бара првите бодови против Швајцарија.