Русија пак ќе бара селектор

Женската репрезентација на Русија треба да добие нов селектор откако досегашниот, Алексеј Алексеев замина од националниот тим по истекот на договорот.

Поради тоа, извршниот комитет на Ракометната федерација на Русија одлучи да одржи состанок и да ги разгледа сите можни опции за предводник на сребрените девојки од Олимписките игри од Токио.

Претседателот на Ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев во изјава за „Брз Центар“ истакна дека не е многу наклонет кон опцијата за ангажирање на странски селектор.

„Врз основа на нашето искуство за работа со странски тренери, не сум наклонет кон оваа опција. Тоа е мое мислење. Ние самите си противречиме, повикувајќи странци заради моментални резултати. Можеби работат добро, но не ги исполнуваат дополнителните барања. Без разлика дали станува збор за Шпанец, Германец или некој друг, тие не подготвуваат смена и се обидуваат да го задржат знаењето за себе. Тие не сакаат да образуваат тренери и да пренесат непроценливо искуство на нашите сонародници“, изјави Сергеј Шишкарев.

Кој ќе го наследи Алексеј Алексеев на кормилото на женската руска репрезентација ќе се знае за неколку недели.