Русите се многу амбициозни – веруваат дека мажите ќе играат на следната Олимпијада

Претседателот на ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев во пресрет на Олимписките игри во Токио веќе размислува за следните кои ќе се одржат во Париз во 2024 година.

Женската репрезентација на Русија е редовен учесник на сите големи натперварувања, но кога се работи за машката селекција тоа не е случај, тие во последниот период бележат послаби резултати. Смената на генерации донесе нови момци кои имаат потенцијал да ја вратат Русија во врвот на светскиот ракомет.

„Верувам дека ќе обезбедиме пласман во Париз, со сегашната генерација ова е апсолутно реално. Дефинитивно имаме добар состав, Александар Шкурински се пресели во Нант, Дима Санталов игра во силниот Мешков Брест. Косоротов е еден од најдобрите играчи на неговата позиција во светот. Има многу квалитетни момци и верувам дека можеме да играме на исто ниво како против Словенија на Светското првенство. Добро се претставивме таму со три победи и нерешено, загубивме само од Египет кој изгуби само од светскиот шампион на пенали, што не е е воопшто лошо. Бевме први во квалификациската група за ЕП 2022 што не се случило многу одамна, се надевам ќе покажеме добар ракомет на претстојното Евро“, рече Шишкарев во интервју за Спорт експрес.

Репрезентацијата на Русија не обезбеди пласман на Олимпските игри во Токио, а не беше ниту дел од квалификациските турнири откако на Светското првенство во Египет се пласираше на 14. позиција.