Ролевски и Димовски ја водеа Македонија Ѓорче Петров до триумф против Бисинов

Ракометарите на Македонија ЃП во натпревар од 7. коло од Првата лига дојдоа до победа против дебитантот, тимот на Бисинов од Велес, со пет гола разлика, 33:27 (12:14).

Избраниците на Димитриоски победата ја обезбедија откако одиграа подобро во вториот дел, со што ја запишаа третата победа во новата сезона од прволигашкото друштво.

Двете екипи одиграа променливо во првото полувреме, имаа свои моменти и падови, па така ниту една од нив не успеа да се одлепи на поголема разлика. Македонија ЃП водеше до 20 минута, додека гостинот од Велес беше подобар во последните десет минути од првиот дел и на пауза замина со водство од 14:12.

Во второто полувреме продолжи големата борба и до 35 минута се играше гол за гол. По нерешените 18:18, домаќините со два гола во низа поведоа со 20:18 и до крајот одржуваа позитива, која најчесто беше четири до пет гола разлика.

Најефикасни во победничката екипа беа Филип Ролевски со десет и Мартин Димовски со седум гола. Кај гостите се истакнаа Мартин Иванов со осум и Панче Ристевски со шест кола.

Македонија ЃП во следното, осмо коло, ќе игра против Текстилец во Штип, додека Бисинов во Велес ќе го пречека лидерот од групата А, Мулти Есенс.