Родригез ги отвори картите пред СП – смета на играчи од Татабања, ПИК Сегед, Балатонфуреди…

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Унгарија, Чема Родригез го скрати списокот на репрезентативци пред стартот на подготовките за Светското првенство во Полска и Шведска.

На списокот кај Родригез партиципираат 21 ракометар, меѓу нив се наоѓа и екс членот на Еурофарм Пелистер, голманот Мартон Секељ, кој моментално го носи дресот на Татабања.

Најголемиот дел од избраните играчи настапуваат во унгарскиот шампионат, односно во екипите на Татабања, ПИК Сегед, Балатонфуреди, Веспрем, Ференцварош…

Само тројца од избраните играчи настапуваат во странство. Станува збор за Чаба Лајметер од Загреб, потоа Адам Јухас од Бенфика и членот на Штутгарт, Егон Ханус.

Избраниците на Родригез пред настапот на Светското првенство во Полска и Шведска на двапати ќе тестираат против Словенија.

Унгарија на Мундијалот во Полска и Шведска ќе игра во група со репрезентациите на Исланд, Португалија и Јужна Кореја.