Родригез Бело со седум од седум, Бразил ја изненади Унгарија

По ремито против Русија, репрезентацијата на Бразил одигра уште еден одличен натпревар на Олимписките игри и направи чекор напред кон четвртфиналето во Токио, откако славеше над Унгарија изненадувачки убедливо со 33-27.

Унгарките кои беа без плејмејкерот Анико Ковачич и немаа премногу опции во нападот, па Бразил ја најави победата со одличното издание во првото полувреме кога стигна до плус шест, 17-11.

Во вториот дел избраничките на Габор Елек и Габор Дани заиграа подобро, но тоа не беше доволно за позитивен резултат. Намалија во неколку наврати на минус пет, но на десет минути до крајот Бразил стигна до плус девет, 29-20, веќе немаше назад.

Јужноамериканскиот првак рутински ја одработи задачата до крајот за нови бодови и скоро обезбедено место во четвртфиналето. Ана Паула Родригес Бело даде седум гола без промашување, а исто толку имаше и Самара Виера. Кај Унгарките седум пати погоди Надин Шацл.