Рогановиќ: Сега сме број еден на Балканот!

Ракометарите на Црна Гора денеска во својот прв натпревар од главната фаза беа убедливи против Хрватска со 32:26.

Победата над Хрватска значи нов историски успех за машката репрезентација на Црна Гора, но и голема шанса за пласман меѓу најдобрите две репрезентации во рамките од првата група.

Селекторот на Црна Гора, Зоран Рогановиќ даде краток коментар за играта против Хрватите и истакна дека неговите избраници сега се број еден на просторот на поранешна Југославија.

„Имавме неколку проблеми на почетокот на второто полувреме со нивната зона 5-1, се обидовме да им одговориме и да ги вратиме на 6-0. Сите веруваме во една идеја и потоа се е лесно затоа што на крајот си веруваме еден на друг. Она што го кажав претходно, лесно е да се работи со овие момци бидејќи се што ќе зацртаме на таа табла е имплементирано на терен. Ќе останеме скромни и смирени, на тоа работиме цело време. Сега сите околу нас се свесни дека нашиот потенцијал е огромен и дека сѐ повеќе и повеќе сме гладни за успех. Со победите над Македонија, Словенија и Хрватска, сега сме број еден на Балканот (се смее). Од наредниот натпревар за противници имаме репрезентации со поинаков стил на игра. Да бидам искрен, ние планиравме да ги добиеме првите три натпревари од групната фаза. Одевме на победа и против Данска, но ситуацијата со коронаворус ни правеше големи проблеми“, изјави Рогановиќ.

Црногорскиот селектор вели дека на неговата репрезентација и се потребни повеќе тренинзи за неговите ракометари да влезат во натпреварувачки ритам кој ќе биде потребен за следните дуели против Холандија, Франција и Исланд.

„За да бидеме во добра форма потребно е да имаме повеќе тренинзи. Лидерите на нашата репрезентација до вчера беа во изолација. Тие немаа можност да одат надвор, да трчат, да бидат присутни на тренинзи, имаа чувари пред хотелската соба, не беа во ситуација да прават ништо. Потребен ни е еден до два тренинзи повеќе за да влеземе во тој натпреварувачки ритам“, заврши Рогановиќ.

За Црна Гора следува ден одмор пред вториот натпревар од главната фаза против репрезентацијата на Холандија.

Натпреварот меѓу Црна Гора и Холандија ќе се одигра на 22 јануари. Црногорците во последните два натпревари од главната фаза ќе се соочат со Франција, односно Исланд.