Ристовски: Нема зла крв меѓу мене и Лазаров…(ВИДЕО)

Голманот на Вардар, Борко Ристовски, кој долги години стоеше и на репрезентативниот гол, откри дека не се чувствува запоставен што не е дел од националниот тим во моментов.

Во емисијата „Жешко Столче“, Ристовски вели дека во моментов во репрезентацијата има голмани што заслужуваат да се таму.

„Не се чувствувам запоставен што не сум дел од репрезентацијата. Јас можеби дваесетина години сум дел од репрезентацијата. Дваесет години растев како човек со тој тим, низ многу години неуспеси растевме сите заедно, стигнавме до едно ниво што е доста високо за овие балкански простори. Успеавме да ја сплотиме и израдуваме нацијата, да оствариме историски успех за нашата држава, мислам дека ситуацијата во репрезентацијата сега е таква каква што е. Дали ми е криво што не сум таму? Не…воопшто, таму има млади квалитетни голмани кои заслужуваат да бидат таму. Меѓутоа, за другите работи, начинот на кој не сум во репрезентацијата е сосема друга работа за која ќе дојде време да зборуваме поконкретно. Јас сум човек што секогаш кажува се директно. Во интерес на репрезентацијата, не е време да говориме за тоа нешто“, кажа Ристовски.

Тој проговори и за односите со актуелниот селектор Кире Лазаров.

„Пријателството наше со Кире Лазаров нема врска дали сум со репрезентацијата или не. Јас од моја страна можам да кажам, не можам да кажам за другата, дека секогаш сум бил коректен, чесен и отворен. Никогаш не сум имал задни намери. Дали другата страна се однесувала така, јас не можам да судам. Што се однесува до мене, зла крв меѓу нас нема“, продолжи Ристовски.