Ристовска со добра вечер, но ЦСКА Москва ќе брка минус пет на реваншот со ЧСМ Букурешт

Ракометарките на ЧСМ Букурешт триумфираа над ЦСКА Москва со 32:27 во првиот четврт-финален натпревар од Лигата на шампионите во женска конкуренција.

ЧСМ Букурешт фуриозно го отвори натпреварот и со одличната ротација од тренерот, Адриан Василе имаше водство од 10:4 во текот на 13. минута. Екипата од Москва причината за поразот треба да ја бара во лошото прво полувреме. На чело на одбраната на ЧСМ Букурешт беше голманката Јелена Грубишиќ која со своите интервенции ги откажуваше Русинките во своите налети да се вратат во игра.

Ниту тајм-аутот на тренерот на ЦСКА Москва, Олга Акопјан не промени ништо во позитивна насока. Преку незапирливите Цвијиќ, Дембеле и Омореги, ЧСМ Букурешт стигна до водство од осум гола разлика на полувреме, 20:12.

Дарија Дмитриева во второто полувреме го намали водството на шест разлика, но одличната игра на ЧСМ Букурешт и нивната фантастична одбрана преку изолирање на главните ракометарки му донесе и највисоко водство од 24:15 по пет минути игра во вториот дел. Ракометарките на ЦСКА Москва го искористија опуштањето на противникот и преку репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска ја намалија разликата на само четири голови, 28:24. Во последните осум минути, ЦСКА Москва имаше неколку шанси комплетно да се врати во игра, но поискусните ракометарки на ЧСМ Букурешт не дозволија целосен пресврт.

Најефикасни во составот на ЧСМ Букурешт беа Барбара Лазовиќ и Кристина Неагу со по шест гола. Во екипата на ЦСКА Москва се истакна младата ракометарка, Антонина Скоробогатченко која беше стрелец на шест гола. Одлична партија одигра и Македонката, Сара Ристовска која постигна 5 гола.

Ракометарките на ЦСКА Москва ќе имаат можност на реванш натпреварот да ги поправат грешките и да се надеваат на посакуваната победа над пет голови разлика. Реваншот е закажан на 11 април со почеток од 16 часот во Москва.