Ристовска и ЦСКА Москва убедливи против Валчеа

Ракометарките на ЦСКА Москва стигнаа до својата втора победа во Лигата на шампионите, откако на домашен терен беа поуспешн од романскиот претставник Валчеа со 30:20.

ЦСКА имаше одлично издание особено во вториот дел и на убедлив начин стигна до победата. Екипата во која насапува десното крило на македонската репрезентација Сара Ристовска и по третото коло останува непоразена.

Натпреварот започна многу израмнето, најчесто беше нерешено со минимална предност на едната или на другата страна. Првото поголемо водство го имаше ЦСКА кога поведе 11:8 во 26. минута. Со истата разлика заврши и првиот дел, ЦСКА Москва имаше водство 14:11.

Во продолжението доминираше еден тим на теренот. ЦСКА играше цврсто организирано и цврсто во одбрана што создаваше многу проблеми на Романките. До крајот на мечот предността на домаќинките само растеше и стигна до десет гола.

Сара Ристовска постигна два гола за ЦСКА, а најефикасна во победничкиот тим беше Михаличенко со девет погодоци додека Илина погоди четири пати. Во составот на Валчеа, Лопез Хереро со четири гола беше најефикасна.

Во вториот натпревар од саботната програма, Подравка на домашен терен забележа минимален пораз од Дортмунд. После голема борба сепак германскиот тим стигна до бодовите. По 30 минути игра Дортмунд имаше водство од 15:14, што на крајот се покажа доволно за триумф.