Ристовска и ЦСКА Москва со голем пресврт во Дортмунд

ЦСКА Москва и Сара Ристовска направија неверојатен пресврт и стигнаа до нова победа во Лигата на шампионите.

Во 4. коло, ЦСКА Москва славеше на гостувањето кај Борусија Дортмунд со 29:28 со гол во последните моменти од натпреварот.

Борусија Дортмунд имаше одличен почеток, поведе со 5:1 после пет минути игра. Домашниот состав имаше контрлоа на играта и резултатот до полувремето и на одмор замина со предност од 15:11.

Доминацијата на германскиот тим продолжи и во вториот дел, а во 40. минута беше 21:14, додека во 45. минута 24:18. Се навестуваше првиот пораз на ЦСКА Москва но во завршницата Сара Ристовска и колешките направија голем пресврт за нова победа. Во 55. минута намалија на 27:25, а до крајот со серија 4:1 стигнаа до победата.

Сара Ристовска постигна два гола на натпреварот, а најефикасна во победничкиот тим беше Екатерина Илина со осум гола. Втор стрелец со шест гола беше Михаличенко. Во тимот на Борусија Дортмунд, Гријселс со десет гола беше најдобра, пред Смит со шест.

На другите два денешни дуели од Лигата на шампионите, Ростов Дон на гостувањето кај Битигхајм стигна до мининална победа од 31:32, а по првото полувреме беше 16:17. ФТЦ Ференцварош исто така на гостински терен против Есбјерг освои нови бодови откако славеше со 21:24, на полувреме 13:9.